Дојди во Македонија, дојди во Охрид, вечниот град, волшебниот рид кој со своите историски пулсирања ги поврзува старите и новите времиња, бидејќи Охрид е жив град веќе две илјади и четиристотини години, тој е легитимен наследник на светлиот Лихнид од древната античка цивилизација.

Охрид е културната историја на Македонија во мало, како епископски центар во античките времиња, за да продолжи низ вековите како прочуена Охридска архиепископија, со што ја претставува и црковната историја на Македонија. Тој е град на првиот Словенски универзитет во Европа, град на учениците на Свети Кирил и Методиј-Климент и Наум Охридски, град на првата Македонска словенска држава, град на Самоиловото царство. За што зборуваат бројните икони од античко време, безбројните цркви и манастири, Самоиловите тврдини, античкиот театар и др.

Денес тој е град на култура, духовен и туристички центар на Македонија, кој блеска од сончевите зраци кои се одбиваат од прекрасното синило на Охридското езеро што го заплискуваат градот. Езерото почнало да живее уште пред појавата на човекот, старо е околу 4 милиони години и заедно со Тањганика во Африка и Титикака во Јужна Америка, се смета за едно од најстарите езера во светот. Богато е со ендемски видови од животинско и растително потекло. во неговите води живеат 17 видови риба. Долго е 30км, има површина од 358км2, најголема длабочина од 300м, со кристално бистра вода чија провидност е до 22метра. На неговите брегови има прекрасни плажи, а чистината на водата и историјата на Охрид привлекуваат секоја година огромен број на туристи.
Охрид и Охридското езеро претставуваат светско природно и културно наследство кое е под заштита на УНЕСКО од 1980 година.

http://www.ohrid.gov.mk/angliska%20verzija/City%20of%20Ohrid.htm

Охрид има менлива медитеранска клима, во која се судираат воздушни струи од јадранското и егејското море како и континенталната клима. Зимите се благи, летата топли, а ветрето од езерото гали со пријатна свежина. Има многу сончеви денови во текот на годината, дури 260, додека температурата на водата во текот на летните месеци е од 24 до 28 степени.

Ваквите природни услови го прават Охрид многу привлечен за туристите, а истовремено овие услови делуваат мошне благопријатно врз човековото здравје

http://www.weather2umbrella.com/macedonia.html